[FPL] Капитени GW12

декември 11, 2020

Кевин Де Брујне (11.8м) ја пронајде својата форма и повторно наликува на оној играч кој минатата сезона ги малтретираше противниците. Во последните 4 кола има 10 креирани шанси (5 големи) за своите соиграчи, 18 шута кон противничкиот гол (3 во рамките на голот), а во последните 2 кола и 2 пати ја погоди рамката од голот. Манчестерското дерби секогаш носи неочекувани моменти и дуелите во последните 4 сезони на Олд Трафорд завршија со по 2 победи за 2-та тима. Ваше е да одлучите дали ќе ги гледате бројките кои КДБ ги набилда пред се од дуелите на домашен терен против екипи како што се Барнли и Фулам и ќе се одлучите нему да му ја доделите капитенската лента или ќе побарате друг играч кој има полесен противник.

Мохамед Салах (12.3м) е правиот избор доколку барате играч кој има полесен противник. Салах последните 4 натпревари кои ги одигра (без Лестер против кој беше позитивен на Корона вирусот) нема некои брилијантни бројки, но и покрај тоа тој постигна 3 гола и асистираше 2 пати, со 6 шута (3 во рамките на голот) и 5 креирани шанси (1 голема). Фулам одигра солиден натпревар против Манчестер Сити, но доколку среќата не беше на нивната страна и расположениот Ареола, лесно можеа да го напуштат Етихад како што го напушти и екипата на Барнли. Дозволија 13 шута кон својот гол, од кои 5 во рамките на голот, меѓу кои беа и 2-та зицери кои ги пропуштија КДБ и Стерлинг. Единствено двоумење околу тоа дали треба на Салах да му се додели капитенската лента, можеби ќе биде малиот замор по 90-те минути кои ги одигра Египќанецот на гостувањето против Митјиланд во резултатски неважен натпревар за двата тима.

Хјунг-Мин Сон (9.6м) во последните 3 натпревари против екипи од топ 6 во ПЛ успеа да постигне 2 гола и еднаш да асистира. Неговите бројки од последните 4 кола најмногу се одраз на поставеноста која ја имаше Мурињо на овие 3 натпревари и бледата негова претстава пред 4 кола против ВБА. Кога се во прашање шутевите кон противничкиот гол, бројките се исти како и кај Салах, 6 шута (3 во рамките на голот), а кога се во прашање креираните шанси, има само 2 и ниту една голема. Кристал Палас оваа сезона дозволува многу шутеви кон својот гол, на последните 4 натпревари имаат дозволено 35 шута од кои дури 18 во рамките на голот, па Сон не е лош како некоја опција за капитен доколку би сакале да се разликувате од останатите.