[FPL] Игра на бројките GW12

декември 11, 2020

По неколку кола се враќа статистиката на нашата страна, но овој пат во изменето издание. Од сега натаму ќе се сконцентрирам на повеќе статистички параметри и ќе се обидам да го кренам сето тоа на уште едно ниво повисоко од она до сега.

Тимска статистика

Ќе започнам со тимската дефанзивна статистика со цел да ги видиме најсилните дефанзивни екипи, како и оние што треба да ги таргетираме кога бираме офанзивни играчи, а примерокот кој го земам е последните четири натпревари.

На првата слика, горната табела ги означува екипите со најмалку дозволени удари од шеснаесетникот, додека на долната табела тие се сортирани според натпревари без примен гол, а бидејќи има повеќе екипи со по два такви натпревари од последните четири, вториот параметар е примени голови.

На втората слика на горната табела екипите се сортирани според дозволени шутеви од шеснаесетникот, додека на долната според очекувани примени голови. Важно е да напоменам дека Саутемптон и Лестер иако не се на двете табели, тие се веднаш подолу, „светците„ со 39 дозволени удари од шеснаесетникот, 11 големи шанси и очекувани примени голови од 5,92, додека Лестер има 32 дозволени удари од шеснаесетникот, 12 дозволени големи шанси и очекувани примени голови од 6,58.

Што се однесува до офанзивната тимска статистика, најдобрите и најлошите екипи во лигата изгледаат вака:

Големата вредност на очекувани голови на Фулам се должи на трите пенали досудени за нив на последните четири натпревари, од кои тие реализираа само еден, па оттаму и само 4 постигнати гола. Можеме да го забележиме Тотенхем на дното на оваа листа, неверојатен е фактот дека на последните четири натпревари тие имаат 3,07 очекувани постигнати голови, а дури 3,73 очекувани примени голови на четири меча на кои не примија ниту еден гол, а постигнаа 5 и освоија дури 10 бодови. Ваквиот начин на освојување бодови воопшто не е одржлив и мислам дека доколку продолжи овој тренд, сѐ укажува на тоа дека крајот на оваа серија добри резултати на екипата на Мурињо ќе заврши.

Индивидуална статистика

Ќе започнам со дефанзивците, вака изгледаат топ 5-те дефанзивци во креирани шанси на последните четири натпревари:

Робертсон (7,2) се враќа во оваа категорија, но сепак преовладуваат доста поевтини дефанзивци како Таргет (4,5) и Цоуфал (4,6) за чија што цена можеме да добиеме одлична вредност, па мислам дека не е време да инвестираме во Робертсон или Трент, иако нивниот распоред се подобрува.

Петте дефанзивци со најмногу шутеви од шеснаесетникот се:

На врвот на оваа табела имаме три дефанзивци чија што цена на почетокот беше 5,5, а интересни опции се и Бартли и Фурлонг (по 4,5) иако како што можевме да видиме претходно, нивната одбрана е убедливо најлоша во Премиер Лигата. Доколку Вест Бром има дупло коло до крајот на сезоната, овие дефанзивци би можеле да ни помогнат. Вреди да се напомене и дека Тарик Лампти (4,8) има најмногу допири во противничкиот шеснаесетник на неговите последни 4 натпревари (16), а освен него уште и Белерин (5,2) и Ејлинг (4,5) имаат над 10 допири во противничкиот шеснаесетник, а притоа да не се наоѓаат на нашите табели. Ејлинг на следните неколку натпревари ќе игра како стопер, па неговата офанзива би требало да ја занемариме.

Индивидуалната статистика на играчите од средината, што се однесува до креирањето шанси изгледа вака:

Тука требаше да се најде Матеуш Переира (5,8), но тој нема да може да настапи на следниот натпревар поради црвен картон, а исто така Мејсон Маунт (6,9) има креирано една шанса повеќе од КДБ (11,8), но Белгијанецот има 5 големи шанси и 4 асистенции, како и прилично поголема вредност на очекувани асистенции, па заради тоа токму тој го зазема петтото место на табелата.

На оваа табела можеме да видиме дека добрата тимска статистика на Астон Вила се пресликува во индивидуалната на Трезеге (5,3) и Грилиш кои влегуваат во многу шанси и вистинско чудо е како Махмуд Трезеге не постигна гол на претходните четири натпревари. Од оние кои не можеме да ги видиме тука, вреди да се напомене Пјер-Емерик Обамејанг (11,5) кој што има 10 шутеви, 9 од шеснаесетникот и една голема шанса на претходните 4 натпревари и мислам дека може да биде одличен differential во 12-тото и 13-тото коло. Веднаш до него се Мане (12,0), Рашфорд (9,5), Бруно (10,9) и Стерлинг (11,4) а неверојатно е што Мо Салах (12,3) не е ниту блиску до топ 5 по својата статистика на претходните 4 натпревари кои ги одигра, со оглед на тоа што тој е апсолутен крал на бројките бидејќи ја користи секоја прилика да упати шут кон противничкиот гол. Ќе биде тешко да му се даде капитенската лента во ситуација кога многу други премиум играчи почесто креираат шанси и влегуваат во шанси во противничкиот шеснаесетник, пред се Кевин Де Брејне и Бруно Фернандеш кои играат меѓу себе, па тоа е главниот адут во корист на Салах во ова коло. Сон не е ниту блиску до врвот, има само два шута од шеснаесетникот во тој период, но продолжува да постигнува голови од неверојатни ситуации.

Како што можеме да видиме, Кејн (10,9) освен што ја предводи лигата во асистенции, тој има и најмногу креирани шанси меѓу напаѓачите на претходните 4 натпревари, но очекуваните асистенции ни кажуваат дека тоа е тешко да продолжи. Меѓу останатите играчи има неколку интересни опции, пред се Дани Велбек (5,5) кој веќе некое време е стандарден во нападот на Брајтон, а иако двете асистенции беа од извлечени пенали, мислам дека е добра вредност за таа цена.

Сепак, ова е она што го бараме од напаѓачите во нашиот ФПЛ состав, а во оваа категорија Патрик Бамфорд (6,2) е апсолутен владетел во текот на целата сезона, што доволно говори околу тоа како игра неговата екипа. Доминик Калверт-Луин (8,0) е тука, иако голем број од ФПЛ менаџерите решија да се откажат од него пред ова коло, што е разбирливо само доколку на негово место дојде Бамфорд. Мекбурни (5,6) е изненадувачко име на оваа табела, со оглед на тоа што неговата екипа тешко постигнува голови, но овој податок треба да се земе со мала резерва бидејќи голем број од овие шанси дојдоа на еден меч, против Вест Бром. Кристиан Бентеке го враќа часовникот 6 години наназад и повторно влегува во шанси и постигнува голови. Вреди да се напомене дека Себастијан Алер е блиску до топ 5 по шутеви од шеснаесетникот, а заедно со креираните шанси тој се наметнува како солидна опција во отсуство на Антонио. Џејми Варди (10,3) во овој период има очекувани голови од 3,08 со 8 шутеви од шеснаесетникот, Велбек и Ричарлисон исто така имаат по 8, а катастрофалните промашувања на Фирмино (9,3) против Лестер и на Вернер (9,5) против Лидс ги ставаат на врвот на промашени големи шанси и над 2 очекувани голови, што би можело да биде добро за оние кои сеуште ги држат во тимот со оглед на тоа што имаат солиден распоред.

Тоа беше се за оваа недела, ќе се обидам пред 13-тото коло кое почнува во вторник да внесам нешто ново со визуелно поинтересни графици кои најверојатно ќе ги споделиме и на социјалните мрежи. Среќно!